Колку е тешко да се избере вистинскиот кандидат!?

Во последната последна епизода на „Фчерашни Новости“, за ова последно лето од 2020 година, решивме да посветиме малку време и на љубовта, со шоуто наречено „Луди за љубов“. Во шоуто ќе можете да погледнете колку е тешко да се избере некој на подолго време, кои карактеристики треба да ги има кандидатот, зошто не се седнува со секого на маса и други прашања општокорисни за меѓучовечките односи. 

Македонија е земја на генијалци заборавени од државата. Еден таков пронашол нов принцип на гласање со помош на нуркачко одело. Не веруваме дека овој принцип ќе се прошири кај народот, со оглед на тоа што секој треба да си купи своја боца за кислород, но генијалците секогаш наоѓаат свој простор во Фчерашни новости да го презентираат својот изум.

Од посериозни принципи на гласања го имаме Стојанче со неговата „Обука за гласање“. Тој ќе ви демонстрира како да гласате внимателно и без страв да не го закачите оноа на „К“, а што не е пиво. Ќе дознаете зошто пенкалото за гласање не се грицка без оглед на тоа што носите маска, а ако го гризнете ќе треба да си го земете дома, освен ако не е врзано за гласачката кутија, тогаш не веруваме дека ќе ви дозволат да однесете дома и гласачка кутија.

Направивме и интервју со најозборуваната личност во Македонија во последно време, ковид - 19. Дознавме како дошол кај нас, што мајка бара тука и кога ќе си оди, ако може што поскоро би било супер. Ако треба еве и ние ќе се собереме и ќе му платиме карта во еден правец, само нека се мани веќе од кај нас.

Се врати и Путец. Најбараниот бербер кој е секогаш информиран од прва рака. Ќе ви раскаже која фризура ќе биде хит ова лето; зошто не се остава на берберот сам да одлучи како ќе ти биде патецот, зошто не се става афтершејв на глава и други берберски совети кои веруваме дека ќе ви се најдат во периодот кој следи.

Целата епизода ја имате на јутјуб.

Имајте убаво лето, а ние, здравје Боже, се гледаме од септември.