Ново

И КФЦ го дриблаат Нејмар

Нејмар стана познат на светското првенство во фудбал во Русија по глумењето повреда при било каков контакт. КФЦ го искористи тоа глумење за да направи одлична реклама за својот бренд.

Што кажува твојот омилен писател за тебе како човек

1. Лајла Грејс
 

Составите по македонски ти ги пишуваше братучетка ти која заврши компаративна книжевност и сега работи во фабрика за пакувани колачи за слави, а ти заврши Менаџирање на биоразградливи компоненти во согласност со регулативите на Европската унија и се вработи како проектен менаџер во компанијата на родителите. Никогаш не си била во библиотека, но често пушташ слики од библиотеки низ светот. Идоли ти се Одри и Монро иако немаш гледано ниеден нивен филм. Во основа имаш интернет, а не си била во библиотека.
 

2. Жива меѓу мртвите
 

Имаш интернет и тој не знаеш да го користиш како треба. Но во ред е, со оглед дека имаш 14 години и сите петки на школо веројатно ќе научиш кога ќе се запишеше во општи смер на гимназија.
 

3. Драган Таневски
 

Пријателе... Нема на интернет да научиш како да се однесуваш со жена.
 

4. Сузана Турунџиева

Ти си Сузана Турунџиева.
 

5. Дарко Лешоски
 

Или си тинејџерка или веќе навлегуваш во климакс, но како и да е плачеш на неговите песни. Може да има 17 или три пати по толку (51, ова го научивме од пикадо, трипла седумнаесетка), но Дарко совршено знае како се чувствуваш. Затоа и најдобро е да му кажеш “ova kako jas da go imam pisano“. Не знаеш тоа да го напишеш. Понекогаш ти се меша линкот од јутуб на сред поема и не ја дочитуваш. Но сепак плачеш затоа што веќе си емотивно неурамнотежена.
 

6. Венко Андоновски
 

Вработена си во банка, а откако ја прочита Вештица се почувствува како Курт Кобејн со сачмарката. Мозокот ти го разнесе. Во слободно време им позираш на твоите пријатели кои се фотографи аматери. После неа не сакаш да прочиташ ништо друго! И веројатно нема...
 

7. Горан Стефановски
 

Поради “Диво месо“ реши дека сакаш да станеш писател и се приклучи на аматерскиот театар во школото каде што ја игравте. Ве гледаа само служителот и чистачката кои чекаа да завршите за да затворат. Од таа аматерска група или дружина на млади ентузијасти произлегоа уште две претстави чии автор си, а се играа во локалниот дом на културата. Премиерно. И толку. Не дојдоа ни чистачките. Сега на 42 години го везеш твоето ремек дело!
 

8. Петре М. Андреевски
 

Жив непокор си! Никаде не оди со неубав човек! Ние сме како пиреј колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи,ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!

Ја немаш прочитано ни Пиреј само ги знаеш цитатите од Фејсбук. Имаш кавер на Фејсбук од сонцето од Вергина, а имаш стабилна работа и три кредити кои ги заеде одите на одмор со жената во Грција пред да ти се родат децата. Сега си спремен да ја браниш Македонија каде и да треба нејзина одбрана на коментари!
 

9. Коста Петров

Животот е она што ти ќе го направиш! Ти си креатор на твојата судбина! Често се прашуваш зошто креира баш судбина во која работиш во автоперална за 9000 кои газдата некој месец ти ги дава, некој не на рака и имаш пилешки гради, но сепак потајно се надеваш дека еден ден ќе станеш милионер и ќе ја ќариш Анџелина Џоли која на татко ти Трајан ќе му го роди наследникот кој толку го исчекува.
 

10. Робин Шарма
 

Истиот си од точката девет само што имаше константно четворка по англиски.
 

11. Буковски
 

Суровоста на реалноста. Алкохол, зачадени барови, евтини жени и приказни во ноќта. Штета што алкохолот и прави киселини па не пиеш, во кафичи не се пуши, а и да се пуши те пецкаат очите, жените те избегнуваат (дури и оние евтините затоа што не си вработен и немаш пари ни за нив), а од ноќ гледаш само кога имаш семинарска и за Нова Година ако ти дадат од дома пари.

Ако си машко ќе се ожениш за втората девојка, а ако си женско ќе си слободен дух додека не има 45 години и во огледалото видиш жена со кратка црвена коса која работи како сметководителка во фирма од месна индустрија и има проблеми со џигерот. Потоа ќе се врзиш за мачки.
 

12. Паоло Коељо
 

Причината за сите оние кои имаат раце (не мора ни десет прсти) да пишуваат. Сакаш патувања, wanderlust, посета на музеи и понекогаш на матичен доктор да ти препише Хелекс затоа што светот е суров за такво нежно суштество. Знаеш дека минатото треба да го оставиш зад себе и дека човекот живее во сегашноста затоа и на англиски сегашноста е present како подарок! Отако прават лажни пораки од Паоло Коељо веќе не си сигурна дали тој навистина рекол „Еднаш Мери, два пати сестра и“ или е тоа само невкусна шега со твојот идол.
 

13. Орвел

На кавер ти стои „1984-та не беше упатство за користење“. Социјално си активна, се бориш против неправдите направени од системот, а кога ќе детектираш неправда велиш „Сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите!“. Следиш алтернативни медиуми и веруваш во теории на заговор! Си против диктатурата и често го твиташ тоа од твојот Ајфон. Можно е да снимаш аматерски кратки филмови кои потоа ги прикажуваш на фестивали каде што имаш пријатели во организацијата.
 

14. Романски авангардни поети од 1920-тите
 

Коровот на нивните гробови го нема никој исчистено од 1994-та кога ги преместија гробиштата за да иградат трговски центар на нивно место па ги спакуваа во кутија и ги однесоа во некое романско село на истокот каде што ги пееше поп иако беа против религијата. Но нивниот пламен гори во твојата авангардна душа каде што вечно живеат заедно со грузиските конструктивисти кои загинаа под чизмата на комунизмот. Не знаеш точно како се викаат, но ти прават ќеф песни во кои авторот во ноќта разговара со плави бубашваби кои му излегуваат од очите и му зборуваат за минливоста.

 

15. Џејмс Џојс
 

Не ти е омилен писател Џејмс Џојс, не се занесувај, не ни ја прочита Уликс, а и тоа што го прочита не го разбра. Голема е веројатност да го мирисаш и вртиш низ чашата виното пред да го испиеш, а откако ќе го испиеш да правиш иритантни звуци демек си задоволен од квалитетот на истото. Тоа што не го знаеш е дека пиеш вино од пластично шише од три литри кои ти го служат пријателите за да ја гледаат твојата реакција и да се заебаваат со тебе кога нема да си со нив. Носиш марама и на други места овен во 1990-та на давање на заклетва за пионер.