Следно

11 видови на баби

1. Џејми Оливер
 

Прати 24 кичен (со превод) и чита Храна и вино за да изгледаш здраво според непишаниот здравствен кодекс на бабите. Често експериментира во кујната, некогаш успешно, некогаш не, но секогаш те тера да дојадеш. Не готви обемно па не е проблем.
 

2. Стево Карапанџа (за помладите југословенски Џејми Оливер)
 

Уште ја користи книгата со рецепти “Велики народни кувар“ ревидирано издание од 1974-та. Во меѓувреме има собрано повеќе рецепти од Марко Цепенков што има собрано народни умотворби. Обично во една недела готви половина животинска фарма и го има замолено татко ти да ги појача ногарките на масата за да може да го издржи јадењето. Таа е виновна што сите во семејството сте дебели.

Не пишуваат повеќе вакви поучни книги. Оваа книга требаше ко за 10-ка да ја знаеме пред да се омажиме, не ко сега
 

3. Инспектор
 

Незгодно и е да те праша директно како на факултет, кога ќе се жениш/мажиш, дали бараш работа па врти ко киша око Крагуевца. „Види пред два месеци Малечката невеста го облече фустанот за свадбата и до Нова година ќе го кажат судбоносното да. Ех да дочекам и јас од внуците така, па ќеф да ми е“.
 

4. Инспектор (УДБА)
 

Нема нараквици како обичната инспектор баба. Директно те прашува кога ќе стапиш во брак, како ти оди или не ти оди факултетот и дали планираш да стане човек од тебе. Не прифаќа менување на тема додека не добие конкретни рокови и план за работа на тема свадба, образование и вработување.
 

5. Инспектор (сурова УДБА)
 

Не и доволно само што ќе те праша сѐ што не и е работа туку и ќе ти каже дека внукот на Марија од трети се оженил, а е помлад, внуката на Рада веќе магистрирала, а на Пеце сите внуци му работат. Секогаш има некој подобар/подобра од тебе. Ако си во доцни 20-ти можно е и да ти побара сопруга/сопруг.

Седи внучко. Ти ветувам дека нема да плачеш. Многу...
 

6. Скајп баба
 

Силом прилике (читај економски фактори и невработеност кај младите) морала да научи во трето доба да ракува со компјутер. Пред да заминеш во странство си и одржал краток курс како да ти се јави на Скајп. Се рабира и си и издиктирал упатство затоа што не може да го разбере твојот ракопис па мора сама да пишува. Ти фали.
 

7. KПЈ до гроб!
 

Уште чува слика од Тито и не може да му прости што умрел така млад на 88 години. Не се помирува со падот на Берлинскиот ѕид и го пцуе Горбачов. Обично носи брошеви.

Tито беше што? Голи Оток не чинел? Ела баба да ми ти направи патец контрареволуционеру еден!
 

8. Новооткриена вера
 

Омилена приказна и е како ги крстила своите деца од кои едното ти е тебе родител тајно, во комунизмот, без да знае дедо ти кој тогаш бил член на партија. За акцијата раскажува како за филм од Отпишаните. Како го измамила дедо ти дека оди кај сестра и, како во темница отишле в црква и слично... Има повеќе икони од мал манастир.
 

9. Баба Рада
 

Слушала 40 минути на утринска емисија за чаеви и сега се однесува како да има апсолвент на медицински факултет и почнува да шета низ дворот да бара билки да ги свари во чај. Ако имаш ваква баба потруди се да ги пие апчињата и покрај тоа што сега знае да се излечи само со две билки и лимон.
 

10. „Другата баба колку пари ти даде за роденденот?“ баба
 

Многу компетитивна. Првите три години не сфаќаш што е финтата па кога ќе речеш 500 денари таа ти дава 1000. Кога ќе сфатиш колку е часот и кажуваш се поголема сума и добиваш дупло. Ко кладилница. И овде еднаш годишно добиваш пари.
 

11. 70-тите се нови 20-ти
 

На 68 години се запиша на факултет за трето доба, учествува на пензионерската олимпијада, планинари и беше во првите што заминаа на бања со проектот на владата. Има подобар социјален живот од тебе.

Коментари